Свадбени прослави во полни ресторани, институциите молчат

И покрај забраната за организирање прослави, дел од угостителите не ги почитуваат протоколите. По снимките од клубски забави, на социјалните мрежи се појавија и видеа од свадби со голем број гости, кои не ги почитуваат препораките за дистанца и носење маски.

Во однос на организирањето свадби, од Државниот пазарен инспекторат информираат дека инспекторите се на терен и ги едуцираат угостителите, со цел да не се доведат до кривична одговорност.

Во меѓувреме, дел од угостителите и туристичките работници побараа од вицепремиерката Мила Царовска да продолжи финансиската поддршка за овие сектори, кои се најпогодени од кризата.

Угостителите веќе неколку недели бараат да им се дозволи да организираат забави и прослави, со цел да ја вратат својата ликвидност. Во спротивно, најавуваат и протести.

Инаку, казни од 3.000 евра веќе добија два угостителски објекти, каде не се почитувале протоколите за работа во време на пандемија, еден во Струмица и еден во Виница. Директорот на Пазарна, Стојко Пауновски, вели дека ќе поднесат и кривични пријави, за што управителите може да заработат казна затвор од една до четири години.

Пријави до Пазарна за непочитување на протоколите стигнале и за угостителски објект во Прилеп но, со оглед на тоа што инспекторите не стигнале на време на терен, надлежноста се префрла во Основното јавно обвинителство, каде веќе отворија предмет по добрен глас.

“Постапувајќи по оформениот предмет, надлежното обвинителство издаде наредби за утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност, како и за обезбедување докази”, информираат од Јавното обвинителство.