Стоилковски: Оставка на Арсовска е единствен спас за Скопје

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес-конференција кажа дека граѓаните не смеат да бидат жртва на тајни средби на премиерот Димитар Ковачевски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

„Скопјани и Скопје, македонскиот политички, економски и здравствен центар, не смеат да бидат жртва на лукративност, криминогеност и тајни средби на коалицијата Тачела, Ковачевски и Данела Арсовска. Бараме неотповиклива оставка на Данела Арсовска од градоначалничката функција во Град Скопје, а владата да ја напушти коалицијата Тачела, да ги одземе ингеренциите за јавниот градски превоз во Скопје и подмирување на долгот кон приватните превозници“, кажа Стоилковски.

Стоилковски вели дека Арсовска не била способна да управува со Скопје и затоа владее хаос во главниот град на Република Македонија.

„Смачена им е на скопјани. Данела Арсовска покажа целосна неспособност да управува со Скопје, покажа целосен недостаток на слух за проблемите, и со својата лукративност предизвика хаос во Скопје. Тајните средби со Ковачевски и креирањето на монструозноста Тачела, предизвика целосен колапс на македонската метропола. Градоначалник на Скопје не смее да бега од скопјани и медиуми, не смее да не се обиде да ги надмине проблемите, и уште повеќе не смее да биде главна причина за хаос во градот Тајните средби со Ковачевски и креирањето на монструозноста Тачела, предизвика колапс во Скопје“, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стоилковски посочи дека ничии интереси и провизии не смеат да бидат поважни од семејствата на возачите на автобусите.

„Ничии интереси и провизии не смеат да остават цели семејства на возачите на автобуси без леб на маса, Скопје без нормален сообраќај, а жителите со ограничено движење. Нема одговор за набавката на бугарските автобуси кои според нашите сознанија го турка коалицијата Тачела. Бараме владата да и ги одземе ингеренциите на Данела Арсовска за јавниот превоз, но и да го реши проблемот со исплатата на долгот од еден и пол милион евра, да ги обештети приватните превозници коишто протестираат и тие да се вратат на дејноста. Со одземањето на ингеренциите, бараме да се провери и можната улога на Драги Митковски во управувањето со ЈСП, како и ревизија на договорот за набавка на гориво за ЈСП со невообичаени високи цени, склучен со фирма на пратеник од владејачкото мнозинство“, смета Стоилковски.