Стевановиќ: Ризикот од наплив на голем број новоинфицирани од Ковид-19 е поминат

Мислам дека веќе сме во период кога ризикот од наплив на голем број новоинфицирани пациенти го поминавме, но тоа не значи дека не треба и понатаму да се придржуваме до дадените препораки за заштита од Ковид-19, напротив, истакна во интервјуто за МИА директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Милена Стевановиќ

– Засега имаме сè што е потребно да се заштитиме, како и лекови и потрошен медицински материјал. Континуирано се надополнуваат количините од сè што ни треба, вели докторката.

На прашањето колку најдолго, а колку најкратко трае лекувањето од коронавирус, таа вели:

– Лекувањето е подолго, просекот е околу 14 дена, но и многу подолго, пациентите се лекуваат индивидуално со блиско следење на нивните потреби. Некои пациенти и по добивање на два негативни резултати имаат потреба да го продолжат лекувањето, некои се испишуваат и со позитивен брис, практично здрави, иако таквите се многу поретки.

Стевановиќ додава дека специфичен лек само за коронавирусот не постои.

-Специфичен лек што дејствува директно на вирусот не постои, ние ги користиме сите алтернативи од кои пациентите би можеле да имаат бенефит, се разбира прецизно, следејќи ги препораките. Се следи секој орган, виталните параметри и соодветно се реагира со терапија што би можела да помогне. Лекувањето е многу комплексно и имањето мултидисциплинарни тимови како нашите е од огромно значење за следењето на болните.

Во врска со тоа дали се можни трајни последици по здравјето на оние кои ќе го преболат Ковид-19, таа вели дека одгововорот ќе го добиеме во периодот што следува, со следење на пациентите кои прележале Ковид-19. Сега не може ни да се претпостави дали, какви и колку трајни последици би можеле да имаат оние кои ја прележале болеста, вели докторката.