Станува ли Клиниката за онкологија ново жариште на Ковид-19?

Две недели бил хоспитализиран на Онкологија поради малигно заболување а од пред три дена е дијагностициран и како позитивен на Ковид-19. Ова е болничката историја на првиот случај на корона од Делчево, кој заразата не ја добил во родниот град и од вчера е префрлен на Инфективна. Засега од клиниката никој не знае како заболел и дали можеби вирусот му го пренел некој од медицинскиот персонал. Според изјавите на директорот на установата,  делчевецот  во неделата бил во иста соба со пациентот кој бил донесен со Брза помош во многу тешка состојба и починал наредниот ден со позитивен тест на вирусот.

-Тоа не би можеле да го знаеме, имаме и наши заболени, се е можно. Пациентот имал температура во недела во понеделник немал но е позитивен на вирусот. Префрлен е на Инфективна, три пациенти се во изолација, во понеделник ќе им биде земен брис, немаат симптоматологија, вели др. Нино Васев директор на Клиника за Онкологија.

Освен овие двајца пациенти дијагностицирани во ист ден со Ковид-19, на Онкологија со вирусот беа заразени и 14 вработени и од наредната недела дел од нив треба да се вратат на работа. Онколозите велат дека малигно болните поради намалениот имунитет се најмалку отпорни на вирусот а особено пациентите со рак на бели дробови. За да не дојде до ширење на заразата меѓу хоспитализираните, директорот вели дека имаат строги правила на функционирање.

-Не застана да работи институцијата, без маски не се влегува, без алкохол миење на рацете на самиот влез, само еден влез е отворен, вториот е затворен. Задолжително има мерење на температура, посетите се строго забранети. Нашите пациент сватија дека не смеат да излегуваат и да нема скришно гледање со фамилијата, вели Васев.

Првиот заболен на Онкологија беше пред речиси три недели и тоа транспортерка која пренесувала медицински материјали а понекогаш и пациенти за дополнителни испитувања на други клиники. По зголемување на бројот на заболени дојде и до реорганизација на делењето на терапија и неа пациенти можат да ја земаат и во клиничките болници.