СОВЕТИ ЗА УНИШТЕНИ ВОЗИЛА: Штетата до 500 евра ја исплаќа „Паркови“

Честа е сликата во метрополата при големо невреме, силен ветер и пороен дожд на скопските паркиралишта да падне дрво и да оштети неколку автомобили.

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ објаснуваат како граѓаните да постапат во случај кога нивното возило е изгребано, искршено или оштетено од дотраено дрво, кое паднало поради нивна вина или поради виша сила.

Претпријатие немаат законска обврска, но сепак секоја година ги осигуруваат сите возила со скопски регистарски таблички со таканаречена полиса за осигурување од одговорност.

- Тоа значи дека доколку падне дрво врз возило, сопственикот е должен да повика полиција, која ќе ја утврди фактичката состојба, односно ќе потврди дека врз возилото паднало дрво и ќе направи полициски записник. Врз основа на тој полициски записник, сопственикот на возилото оди во куќата од каде што го купил возилото. Оттаму добива соодветна понуда за поправка на возилото - процена на штетата. Штетите со помал износ, до 500 евра, ги покрива осигурителната компанија што добила на тендер, кој го распишува нашето претпријатие. Доколку штетите се во поголем износ, се водат судски спорови - појаснуваат од јавното претпријатие.

Дали ќе се изгуби или добие спорот зависи од тоа дали за соодветното дрво што паднало врз возилото има издадено решение за сечење од секторот за комунални работи на Град Скопје.

- Доколку за дрвото што паднало врз автомобил има издадено решение, а нашето претпријатие не го исекло, тогаш ние го губиме спорот и врз основа на судска пресуда на сопственикот му се исплаќа штетата. Ако, пак, дрвото воопшто не било обележано за сечење, односно нема издадено решение, спорот го добива претпријатието – објаснуваат од  од Паркови и зеленило.

Според меѓународните стандарди, овие случки се решаваат на поедноставен начин - доколку дува ветер до 80 километри на час и е причина за паднато дрво, претпријатието ја надоместува штетата, ако дува над таа брзина, случката добива третман на виша сила и тогаш претпријатието не е должно да ја надомести штетата. Авировиќ вели дека овој меѓународен стандард не се применува бидејќи како земја с` уште немаме закон за зеленило, во кој одредбите би биле влезени.

Во текот на минатата година „Паркови и зеленило“ на сопствениците на оштетени возила од дрвја им исплатило надомест на штета во висина од 940.000 денари, односно 15.161 евро.

Менаџментот упати апел до граѓаните во случај на засилени ветер дожд да избегнуваат да ги паркираат своите автомобили под дрвја.