СОНК загрижен: Плата на вработените во градинките и школите или радикализација

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) изразува голема загриженост во врска со неможноста на вработените во детските градинки, основите и средните училишта во неколку општини во државата, да го остварат своето законско право, да земат плата за декември 2017 година.

– Заради причини од политички карактер, Советите на општините Чаир, Тетово, Теарце и Гостивар сеуште ја немаат завршено законската процедура за усвојување на општинскиот Буџет за 2018 година, со што се доведуваат до тотална финансиска блокада и се оневозможува повеќе илјади вработени од дејностите што ги покрива СОНК да не можат да земат плата – велат од СОНК.

Оттаму укажуваат на сериозноста на ваквата ситуација и бараат максимална одговорност од сите чинители, креатори на овој проблем, со цел што поитно да се надмине ваквата ситуација и да може да се исплатат платите во најкраток можен рок.

-Во спротивно, синдикалните организации на СОНК во кои нема исплатено декемвриска плата, изгледно е дека ќе донесат Одлуки со кои ќе применат и по радикални синдикални мерки во интерес на одбрана на правата загарантирани со Закон и Колективен договор – истакнуваат од синдикатот.