Со зонско во Карпош 1 ќе се добијат 400 паркинг-места и 300 во Карпош 2

Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека Општина Карпош до нив сѐ уште не ја доставила потребната документација за изработка на проект за уредување на паркирањето.

Граѓаните што живеат во населбите Карпош 1 и Карпош 2 сѐ уште немаат решение за проблемот со недостиг на паркинг-места, иако Општина Карпош уште пред две години презема иницијатива за воведување регулирано паркирање во овие населби. Анкетата што се спроведе тогаш меѓу жителите и на која тие се изјаснија за воведување зонско паркирање, досега нема разврска.

Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека имаат предвидено уредување на паркирањето низ Скопје и дека новото раководство ќе се посвети на реализирање нови проекти, како и на решавање на проблемите со паркирањето.

Според Инвестициската програма и потребите на главниот град, во текот на 2022 година, во соработка со локалната самоуправа, како што информираат од претпријатието, планирано е уредување и оспособување нови паркинг-површини, со кои дополнително ќе се зголеми бројот на паркинг-места во повеќе општини, и тоа во Карпош, Кисела Вода, Аеродром и во Ѓорче Петров.

Што се однесува на паркирањето во Карпош, тие сѐ уште чекаат од Општината да им ја достават целата потребна документација.

-Во Општина Карпош пред две години беше направена анкета на граѓани, на која граѓаните пројавија интерес за воведување зонско паркирање. Потоа, Општината достави барање до ЈП „Градски паркинг“ – Скопје за уредување на паркирањето – зонско. Но, до претпријатието сѐ уште не е доставена целосно потребната документација за изработка на проект. Новото раководство на претпријатието ќе работи на подобрување во комуникацијата со Општината и се надеваме на брзо решавање на проблемите, во делот за изработка на проектот како и комплетирање на потребната документација – објаснуваат од „Градски паркинг“.

Оттаму додаваат дека според направените анализи на терен и потребите на граѓаните во овој дел од градот, во план е да се преуредат јавни површини и да се оспособат за паркирање.

-Предвидено уредување на територија во Карпош 1 се улиците: Гиго Михајловски, Иван Аговски, Даскал Камче, Руѓер Бошковиќ и Никола Тесла. Со реорганизација и реконструкција на овие јавни површини на кои би се вовело зонско паркирање, јавното претпријатие би овозможило паркирање за околу 400 возила. Во Карпош 2 предвидено е да се оспособи потегот од булевар 8 Септември, улица Бранислав Нушиќ и улица Веселин Маслеша, со што би се ставиле во употреба приближно 300 паркинг-места – прецизираат од претпријатието. Сепак, условите за паркирање сѐ уште не се точно утврдени. Начинот, условите, цените и слично, како што велат, дополнително ќе се утврдуваат според законските прописи и актите на претпријатието.

Наспроти претходното раководство на Општина Карпош кое се залагаше за регулирање на паркирањето во Карпош 1 и 2, како што всушност и бараа жителите, градоначалникот Стевчо Јакимовски во предизборната кампања вети дека паркирањето во Карпош ќе остане слободно и нема да се воведува зонско паркирање, а дека проблемот ќе се решава со катни гаражи.

-Познато ми е дека има спроведено анкета во урбаните заедници што граничат со општината Центар и дека мнозинството граѓани се изјасниле за зонско паркирање. Реално, тоа е најбрзото можно решение за да се ослободи просторот од возила во сопственост на граѓани од општината Центар, од вработени во ПУИГ и во други фирми од околината. Со тоа би се решил проблемот и со хаварисаните возила, како и оние возила што се продаваат и издаваат. Но, во исто време подготвуваме проекти за катни гаражи – рече Јакимовски неодамна за „Слободен печат“.

Во меѓувреме жителите се снаоѓаат како знаат и умеат. Дел од нив со канти на тротоарите се обидуваат да си сочуваат паркинг-место за својот автомобил, а останатите вртат по половина час низ населбите во потрага по слободно место. Ова предизвикува кавги меѓу соседите, расправии, особено што станува збор за јавен, а не приватен простор што незаконски се узурпира.

Извор: Слободен печат