Со претставата „Црнила ремикс” се затвора 43. издание на фестивалот „Млад отворен театар”

„Црнила ремикс” е македонската претстава во режија и по идеја на Јордан Симонов, а во продукција на Младинскиот културен центар, со чија премиера вечерва (28 септември) во МКЦ, 20 часот, се затвора 43. издание на фестивалот „Млад отворен театар”.

Според фестивалската најава се работи за едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмскиот перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, низ оригиналниот препев и музика на хип -хоп бендот „Зад аголот” не носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп субкултурата.

Со оглед на една нова форма на „Црнила”, режисерот Симонов објаснува:

„Главната порака на оваа претстава е дека македоснаксата класика може да се пласира на младите поколенија и генерации, само треба да се најде форма. Во мојата кариера неколкупати сум поминал низ “Црнила” играјќи кај Виолета Џолева, професорот Слободан Унковски и материјата ми беше позната. Хип- хопот, пак, цел живот го слушам како хоби, инспирација и некако сакав да си ја вратам радоста на работењето, играњето, нешто друго од она што сум го работел. Се запознавме со хип -хоп бендот „Зад аголот” и тие ја прифатија идејата. Мислам дека стигнавме до продукт со кој се гордееме и во кој се забавуваме”, вели Симонов.

Во претставата играат Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска, Павле Димковски.

„Ова не е класична претстава, туку ги споивме театарот и музиката. „Црнила” многу се занимава со македонските работи, а ние во претставата не се бавиме со тоа колку е тоа актуелно или не е, туку какви луѓе сме кога ќе се најдеме во безизлезна ситуација…#, вели меѓу другото актерот Александар Михајловски.

Инаку, на „МОТ” годинава се случија и македонски премиери на претставите „Д Шииит” во изведба на театарот Артопиа од Скопје и во режија на Ирем Ајден, како и „Буре барут” на Дејан Дуковски, во режија на Нина Николиќ и во изведба на Босанскиот национален театар од Зеница.