Сметките за вода во Скопје нема да поскапат

Сметките за вода во Скопје нема да поскапат. Градоначалникот Петре Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје ги повлече точките од дневен ред со кои што се предвидуваа нови цени на водата за пиење, одведување на отпадните води и за прочистување на отпадните води во 2019 и 2020 година, пишува СДК. 

Со предлог-одлуката се предвидуваше цената на сметките за вода оваа година да остане иста односно 29,39 денари за метар кубен, а поскапување за два денари за метар кубен се предвидуваше во 2019 односно 3,2 денари за метар кубен во 2020 година.

„Не се променило ништо за да ја менуваме цената на водата. Оваа информација ќе ја испратиме до Регулаторната комисија за енергетика, по чиј предлог се новите тарифи“, рече Шилегов откако го даде предлогот точките да се тргнат од дневен ред.

Ова е втор пат годинава ЈП „Водовод и канализација“ да предвидува нови цени на водата и давачките за пречистителни станици и отпадните води, а градоначалникот Шилегов да ја повлекува одлуката. Во јануари на дневен ред на Советот беше ставена точка со која се предвидување воведување на нова давачка за одржување на пречистителни станици која требаше да биде 2,4 денари за метар кубен, која ја одреди Регулаторната комисија за енергетика.

Шилегов тогаш рече дека одлуката на Регулаторна била политиканска и затоа скопјани нема да плаќаат повисоки сметки за вода.

„Додека сум јас градоначалник заради политиканска одлука на партизирана институција од минатата власт нема да дозволам граѓаните да плаќаат поскапа вода. Направивме длабинска анализа на финансиското работење, а ЈП ’Водовод и канализација‘ и со домаќинско работење во наредниот период ќе ги сервисираме потребите“, рече на седницата на 31 јануари градоначалникот Шилегов.

 

Сите денешни вести прочитајте ги тука.