Славниот африкански музичар Феми Кути по големата европска турнеја, својот музички сон ќе го реализира во Скопје

Славниот африкански музичар Феми Кути по големата европска турнеја, својот музички сон ќе го реализира во Скопје. На 7 јуни во Градскиот парк во Скопје (21 часот), тој за првпат ќе настапи со голем оркестар и тоа со Македонската филхармонија, заедно со неговиот фантастичен бенд “Позитив форс”.

Диригент ќе биде нашиот еминентен музичар Емин Џијан кој е и иницијатор на заедничкиот настап, вистинско освежување за скопската и македонска публика.

“Првпат работам со симфониски оркестар и ова е мојот најпосакуван сон. Веројатно, ова е најголемата работа што ја правам во животот. Џијан Емин ја познава мојата работа и согледа дека може музиката да звучи добро со симфониски оркестар. Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност”, истакна големиот африкански музички уметник Феми Кути, кој вели дека во почеток не верувал дека е можна реализација на идејата на која работеле две години.

“Среќни сме што сме гости во вашата земја. Ова е град со прекрасни луѓе”, истакнува познатиот музичар.

Емин Џијан, пак, посочи дека присуствувал на концертот на Феми Кути на џез фестивалот во Скопје пред 14 години.

“За мене тоа беше неверојатно доживување. Драго ми е што оваа идеја стигна до реализација”, истакна Емин Џијан, кој додаде дека исконтактирале на “Фејсбук”, по што идејата почнала да се реализира.

Концертот е дел од двата атрактивни настани што ќе се случуваат на отворено, а еден од нив е и проекција на повеќенаградуваниот филм “Исцелител# на Ѓорче Ставрески, што публиката ќе може да го погледне на 6 јуни во 22 часот .

Директорот на Македонската филхармонија Виктор Илиески, пак, додаде дека кон крајот на јуни, исто така на отворено, ќе се реализира и втор настан со познати музички ѕвезди за што јавноста дополнително ќе биде информирана.

Овој пат, публиката ќе има можност да слушне извонреден концерт со музика во која се соединуваат афро ритмите со џезот и класичната музика#.

Концертот се одржува во организација на Македонска филхармонија, Кино Милениум и Град Скопје.