СКОПЈЕ СЕ МЕНУВА: Проширен и реконструиран дел од булеварот АСНОМ (ГАЛЕРИЈА)

Градот Скопје ги заврши градежните работи за проширување и реконструкција на дел од булеварот АСНОМ, на потегот од објектот на Фудбалската федерација на Македонија (Куќата на фудбалот) до првите куќи на улицата Тодор Чангов, во Лисиче.

Со овој проект се проширени и реконструирани 430 метри од булеварот АСНОМ, а сообраќајницата доби 4 (четири) сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока) широки по 3,5 метри. Изведена е и средишна жардиниера со променлива ширина од 2 до 5 метри, како и тротоари, велосипедска патека и разделно зеленило.

Значајно е што во текот на градежните работи беше формирана нова раскрсница на вкрстувањето на булеварот АСНОМ со булеварот Февруарски поход, а уредени се и две нови автобуски стојалишта.

Проширувањето на булеварот АСНОМ се искористи за да се постави нова атмосферска канализација со должина од 221 метар и со профил на цевките од 500 милиметри.

За осветлување на новопроширената сообраќајница се поставени 28 столба за улично осветлување, високи по 10 метри.

На проширување и реконструкција на булеварот АСНОМ, на потегот од објектот на Фудбалската федерација на Македонија (Куќата на фудбалот) до првите куќи во Лисиче работеа градежниците на ДГ „Бетон“ АД Скопје. Во овој значаен зафат Градот Скопје вложи околу 31,8 милиони денари со ДДВ.

Со проширувањето, булеварот АСНОМ ќе претставува вистински сервис за жителите на новите згради што се изградени во неговата близина, ќе го олесни одвивањето на сообраќајот, ќе се намали метежот и ќе се овозможи забрзан развој на општината Аеродром.