„Скопје Креатива“ со Игор Трипуна, млад креативец од Словенија

Со цел запознавање на пошироката јавност со значењето на креативните индустрии, пренесување нови знаења и искуства на поединци, членови на здруженија, претставници на бизнис секторот, како и поттикнување на учесниците за создавање нови партнерства, соработка и здружување помеѓу културниот и економскиот сектор, Конгресниот центар „Александар Македонски“-Скопје со поддршка на градот Скопје и годинава по петти пат го реализира фестивалот „Скопје креатива 2016“ под мотото „Поврзи ме со креативност“. Фестивалот ќе трае три дена, во период од 9ти до11ти јуни 2016, на локација на стариот аква парк – Плаја Виста, Скопје.

Добро конципираната богата и разновидна програма од преку 40 настани ќе понуди презентации, предавања, работилници, изложби на доста домашни и странски изведувачи, професионалци во својата област. Малдиот креативец Игор Трипуна од Словенија ќе настапи со своја самотојна презентација, насловена: „Како соработките и создавањето работни простори ја потхрануваат креативноста?“ Подобро од филозофијата „Направи сам“, филозофијата „Направи со другите“ е дури поинтересна и продуктивна. Водејќи се според овој пример, презентацијата ќе покаже како колаборативното опкружување помага идеите да се претворат во проект, а проектите во продукти.

Игор Трупина е активен член на организацијата WLAN Словенија, која цели кон поврзување на словенечките уметници и културната продукција, едукативната, истражувачката и другите заинтересирани простори и индивидуи, во автономна и независна безжична мрежа. Трупина соработува и со многу други организации како Хакерски простор Људмила, Фестивалот Хистерија и Духот на времето. Тој е силен бранител на секоја оупен сорс иницијатива и верува во директна демократија.