Скопјани од денеска може да аплицирате - Градот дава субвенции за алтернативни превозни средства!

Град Скопје денеска ги објави Јавни повици за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2022 година, како и за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2022 година.

Целта на јавните повици е подобрување на квалитетот на животната средина, односно подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, преку стимулирање на граѓаните на градот Скопје за користење велосипеди и електрични тротинети, со што би се намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот, велат надлежните. 

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50% од вредноста на велосипед, но не повеќе од 4.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За електричните тротинети, средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30% од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Подетални информации за условите, начинот на пријавување на јавниот повик, начинот на спроведување на Јавниот повик и начинот на остварување на правото на надоместок граѓаните ќе можат да ги најдат на веб-страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk.

Јавните повици ќе траат заклучно со 01.11.2022 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.