Скопјани голтаат мушички и бркаат комарци додека возат или се рекреираат покрај кејот на Вардар - се уште не е предвидено прскање

И додека сите други градови од внатрешноста се справуваат со комарците и сите дрги инсекти, скопјани се оставени сами на себе, да го решат овој проблем. Деновиве прскање ќе се спроведе во повеќе македонски градови, но не и во Скопје. Скопјани сепак ќе чекаат подобри времиња.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во соработка со десетте општини од регионот, организира авио-третирање против комарци. Предвидени се две прскања на територија од 5.741 хектари.

Од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги известуваат граѓаните на општините Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Гевгелија, Дојран, Конче, Ново Село, Радовиш и Струмица дека првото прскање е планирано да се изврши в недела (17 јуни) во раните утрински часови, односно, во периодот од 04:30 до 09:30 часот.

Оттаму посочуваат дека доколку временските услови не дозволат да се реализира прскањето, истото ќе се спроведе на 18 јуни годинава во истиот временски период.

Од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Општина Куманово ги информира граѓаните дека утре, во раните утрински часови ќе изврши авионско прскање против комарци на подрачјето на општината. Оттаму апелираат до пчеларите да преземат соодветни мерки за заштита на пчелите.

Во случај да не се изврши авионско прскање поради неповолни временски услови, дезинскецијата ќе се одложи за наредниот ден, за што кумановци дополнително ќе бидат информирани.

Авионската дезинсекција ќе се спроведе во три наврати до крајот на сезоната, информираат од општината.

Шилегов се уште нема донесено одлука кога ќе се прска на територија на Град Скопје. На скопјани им останува само, сами да се заштитуваат од инсектите. 

И додека тие чекаат , Скопјани ќе голтаат мушички и ќе бркаат комарци додека возат или се рекреираат покрај кејот на Вардар.

Надлежните од Центарот за јавно здравје велат дека постојано се зголемува бројката на луѓе, кои што се алергични од убод од некој инсект и кои постојано бараат лекарска помош.