Скопјанец почина како последици од Ковид 19, според објавите на фејсбук заразата ја добил додека се лекувал во болница

На социјалните мрежи утрово се прошири информација дека скопјанецот Зоран Апостоловски починал како последица од Ковид 19, а според објавите на неговиот фејсбук профил заразата ја добил додека се лекувал во една од болниците во Скопје.

„И покрај едногодишно внимание буквално на сите протоколи, се заразив со вирусот, не заради мое не внимание, туку поради трулиот здравствен систем, се заразив во болница!„ се вели во објавата која Зоран ја споделил на својот фејсбук профил пред повеќе од еден месец.

Во објавата Зоран додава дека имал хируршка интервенција која била малку ризична, но поминала во најдобар ред, бескрајно благодарен на хирургот и неговиот тим, но проблемите настанале потоа. По оперативниот третман тој бил сместен во болничка соба не поголема од 20 м2 со други пет пациенти.

„Значи шест лица во соба, без никаква дистанца, без никакви протоколи! Сум се инфицираал додека сум бил во собата, првиот симптом го почуствував по три дена откако бев пуштен на домашно лекување! Се инфицирав затоа што властите при сместување на пациентите во болничките соби не ги почитува. Трулиот систем не само што го стави во ризик мојот живот, го стави во ризик и животот на мојата сопруга која е во петиот месец од бременоста а јас по напуштањето на болница имав контакт со нејзе и моето синче, контактот траеше неколку дена, откако бев пуштен на домашно лекување до појавувањето на симптомите!„, додава тој во истиот фејсбук статус.

Следните фејсбук објави кои се споделени неколку денови подоцна се однесуваат на неговата здравствена состојба. Како поминува времето таа се влошува.  По повеќе од десетина дена од првата објава, тој е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје.

Од таму пишува дека здравствената состојба му е лоша и дека воопшто не гледа светлина на крајот на тунелот.

„Многу телефонски јавувања и пораки поврзани со моето здравје, но не можам да ви одговорам драги пријатели, состојбата со корона вирусот ми е многу тешка, од вечерва влагам во 15тиот ден одкако го пројавив првиот симптом на проклетиот вирус но сеуште нема светло во тунуелот, само мрак и агонија!“, се вели во фејсбук статусот објавен додека е хоспитализиран на Инфективната клиника.

Во една од следните објави тој споделува фотографија во која ги повикува граѓаните да се помолат за здравјето на сите оние кои се хоспитализирани и секојдневно се борат за живот во болничките кревети. 

Таа битка за Зоран заврши денес. Неговиот живот згасна како последица на Ковид 19.

Пријателите се простуваат од Зоран и жалат за загубата на младиот живот. Социјалните мрежи се полнат со пораки исполнети со тага и болка.