Синдикатот на Клинички центар најостро го осудува нападот на медицинската сестра

Синдикатот на Клинички центар најостро го осудува физичкиот и вербален напад на медицинската сестра од Клиниката за интензивно лекување и реанимација – КАРИЛ.

„Синдикатот на Клинички центар сака да го искаже својот револт кон понижувачкиот статус на здравствените работници и соработници. Статус кој е резултат на долгогодишните политики во здравството кои доведоа до омаловажување и деградирање на здравствените работници и соработници. Во изминатиот период бевме сведоци на повеќе вакви немили настани поради кои се потпиша Повелба и Декларација со цел да се стопира ова насилство врз здравствениот персонал. За жал сето ова очигледно остана без практична вредност и употреба. Ја цениме и поддржуваме заложбата на Министерот за здравство за зголемување на безбедноста во кампусот клиники „Мајка Тереза“ и воведување полициски дежурства на критичните места каде во текот на ноќните часови има најголема фреквенција на пациенти“, се наведува во соопштението испратено од Синдикатот на Клинички центар.

Во соопштението се додава дека тие од надлежните институции бараат воспоставување систем за заштита на достоинството и угледот на здравствените работници и соработници и 24 часовно професионално обезбедување во сите јавни здравствени установи во Република Македонија, а не само во текот на ноќта.