Што се крие под земјата на една од најфреквентните улици во Скопје?

На една од најфреквентните улици во Скопје, до која никнаа многу атрактивни деловни објекти, веќе подолг период се вршат земјени ископи, кои ги збунија граѓаните, оти мислат дека станува збор за изградба на кружен тек. Граѓаните масовно се прашуваат за што станува збор, оти ниту од општината Карпош, ниту од градот имаат најавено каков било градежен проект за оваа локација.

Според официјалните информации сепак не станува збор за каква било изградба на локацијата во непосредна близина на маркетот „Хубо“ на улицата Скупи, туку за сондажни археолошки испитувања. Повеќе недели Конзерваторскиот центар - Скопје врши испитувања на земјиштето за да се дознае дали воопшто има некои подземни објекти од минатото.

- Тука се извршуваат сондажни археолошки испитувања за да дознаеме дали евентуално има нешто под земјата, дали има подземни објекти и слично. Овие истражувања мора да ги спроведеме, бидејќи ова е градежен реон, чии парцели во иднина би биле продавани.

Доколку во иднина би се поставувале темели за некаков објект, ние имаме законска обврска и тогаш да вршиме надзор за тоа дали има нешто под земјата – вели за Новва мкедонија, директорката на Конзерваторски центар - Скопје, Ема Петрова.

Од општината Карпош  потврдија дека се вршат овие испитувања. Причината за испитувањата е планирана изградба на комерцијален објект на оваа локација.

На конкретната локација, предвидена е изградба на комерцијален објект. Во врска со парцелите во овој градежен реон, известуваме дека се работи за приватна сопственост, а парцелите се купени по пат на јавно наддавање - велат од општината Карпош.