Шкријаљ: Техничката министерка Мизрахи шири невистини, центрите за социјални работи функционираат без пречки

Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, со денешната прес-конференција уште еднаш потврди дека работи против интересите на граѓаните продолжувајќи да шири невистини и пропаганда за наводно неработење на центрите за социјални работи, реагираат од кабинетот на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

„Граѓаните треба да ја знаат вистината, а тоа е дека центрите за социјални работи функционираат без никакви пречки и сите реформи што се направени изминатиов период им носат само бенефит на корисниците на правата и услугите“, се наведува во реакцијата.

Оттаму ѝ порачаа на техничката министерка Мизрахи дека уште пред да седне во министерската фотелја требало да знае дека новиот начин на функционирање на ЦСР го намали обемот на работа затоа што, како што велат, врзувањето на правата и услугите доведе до намалување на бројот на домаќинства за кои еден стручен работник ќе биде одговорен.

„На овој начин се зголеми квалитетот на работа на стручните работници, кои лани летото добија историско зголемување на платите од 26 отсто за една година. Центрите континуирано добиваат стручна помош од Министерството за труд и социјална политика и од меѓународните организации, преку менторирање и супервизија, а предвидени се и дополнителна стручна помош и обуки соодветно на потребите.

Системот на работа и организација на центрите за социјална работа (ЦСР) е во процес на реорганизација и приспособување на новите законски решенија. На процесот му претходеше темелна анализа, на која Министерството за труд и социјална политика работеше со домашни и странски експерти, со поддршка на Светската банка, УНИЦЕФ и УНДП. Беше констатирано дека начинот на организација на центрите е неопходно да се промени и да се воведе интегрирано водење случај како метод на работа.
Законот за социјална заштита е донесен и стапи во сила во мај лани. Обуките за примена на новиот начин на работа на центрите за социјална работа почнаа уште во 2018. Беа обучени сите стручни работници и 30 отсто од стручните работници во центрите за вработување. Кога законот стапи во сила, извршена е втора серија на обуки на сите стручни работници.

Законот дефинира дека стручните работници во работа со корисниците на социјална заштита го применуваат принципот на водење случај, што подразбира еден стручен работник да работи со едно домаќинство, истовремено се проценуваат потребите и се даваат права и услуги. Со тоа на граѓаните им се олеснува пристапот до правата и услугите. Ако се стремиме кон ЕУ, треба да ги следиме европските и светските трендови на имплементирање на методот на интегрирано водење случај како најдобра пракса за корисниците на правата и услугите од областа на социјалната заштита“, стои во реакцијата.