Шилегов: Загадувањето е најголем, но Скопје има предизвик и со урбанизмот и сообраќајот и зеленилото

Скопје денес е град со многу предизвици. Загадувањето, е секако најголемиот, но има и многу други проблеми со инфраструктурата, сообраќајот, урбанизмот, зеленилото. Многу од овие проблеми се надминливи и решливи, само доколку сите ние сме подготвени да се откажеме од дел од нашите удобства и да инвестираме во нашата заедничка иднина.

Ова вчера го истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

Тој потенцира дека во решавањето на овие проблеми треба да се вклучат централната, градската и општинската власт, бизнисмените и организациите, но и сите граѓани.

Сите ние, како што рече, мора да се откажеме од малку за да добиеме повеќе, за да создадеме функционален и просперитетен град, град кој работи за своите граѓани и за сите.

Скопје е град кој доживеал и преживеал се и сешто, но секогаш успевал да ги преброди незгодите и како феникс да стане од пепелта и да продолжи да живее. Скопје ќе ги преброди и денешните предизвици и ќе продолжи да се развива, оцени Шилегов.

Тој зборуваше и за „Скопје 2014“ за што посочи дека претстои процес во кој мора принципиелно, разумно и одлучно да се пристапи.