Шилегов преку софтвер ќе ги брои туристите во Скопје

За развој на туризмот и привлекување на посетители, Град Скопје оваа година предвиде поголема сума на средства и тоа 25.280.000 денари, што е над 410.000 евра.

Најмногу пари, или 6 милиони денари се наменети за новогодишниот базар – Винтерленд, а 5 милиони денари за изработка на ново софтверско решение за реализирана туристичка такса и броење на туристички ноќевања. Впрочем, најголем дел од парите предвидени за развој на туризмот во главниот град се очекува да се соберат од таксата за привремен престој.

– Реализацијата на туристичката такса во градот е се уште на многу ниско ниво. Се работи активно на нејзино зголемување, како со информирање на јавноста за нејзината важност, така и со зголемување на инспекцискиот надзор. Затоа потребна е изработка на софтверско решение кое ќе овозможи поедноставно пријавување на гостите и плаќање на туристичката такса. Со тоа, ќе се овозможи и поефикасно броење на туристите во градот, нешто што во моментов е невозможно да се направи. Во координација со приватниот сектор, ќе се изработи софтвер којшто од една страна ќе ја направи работата на градот поефикасна, а од друга страна ќе ја поедностави работата на хотелите и приватните издавачи – велат од Град Скопје.

Околу 1,5 милиони денари Град Скопје планира да потроши за печатење на материјал за туристичка промоција.

– Лани оваа активност беше сопрена поради заостаната залиха од претходните години. Оваа година се планира печатење на помал број материјали за кои се смета дека се задолжителни за еден град да ги има. Истите ќе бидат бесплатно дистрибуирани на хотели и туристички организации, но и на туристи поединечно кои се обраќаат во туристички бироа за информација. На овој начин, Град Скопје се претставува пред посетителите како туристички, деловен, административен, културен и образовно – научен центар, со богато културно-историско богатство и мултикултурален начин на живот – нагласуваат од Град Скопје.

Во оваа насока е и тоа што за откуп на авторски права за туристички материјали, слајдови, преводи и рецензии за промоција и претставување на Скопје пред туристите и посетителите, како и при промоција на туристички форуми, саеми за туризам и слично ќе се потрошат 400.000 денари.

За поставување на нови, обновување и одржување на постоечки 3Д туристички портали, поставување на туристички патоказни табли во централното градско подрачје и санација се планирани 1,2 милиони денари. Околу 700.000 денари се планираат за санација на инфо-тач киосците кои на туристите им овозможуваат со само еден допир на иконата да ја добијат посакуваната информација. Поставени се на три локации во Скопје и тоа: Плоштадот Македонија, Аеродромот во Скопје и Туристичкото Информативно Биро на Град Скопје.

За поттикнување на туристички раст, потребна е и промоција на град Скопје како туристичка дестинација преку изработка на кратко промотивно видео за што се предвидени 600.000 евра.

– За таа цел, планирани се посети на повеќе туристички саеми низ Европа во претстојната година, како и претставување на Градот на истите. Со цел посликовито да се доловат убавините на нашиот град, потребна е изработка на кратко видео – промотивен спот, којшто ќе биде прикажуван во соодветни прилики на штандовите. Исто така, можно е и негово прикажување на странски телевизии како реклама за град Скопје како туристичка дестинација. Во видеото ќе бидат презентирани убавините на Скопје: природните богатства (кањонот Матка, планината Водно и сл), архитектурата, археолошките наоѓалишта, музеи, Старата Скопска Чаршија, тврдината Кале, итн.