Градоначалникот Шилегов заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, евроамбасадорот Самуел Жбогар и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние,  присуствуваше на почетокот на проектот за подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во Скопје, во населбата Ново Лисиче.

– Испуштањето отпадни води во Вардар, влијае на квалитетот на водата и на живиот свет во неа. Со реализација на овој проект ќе овозможиме заштита на реката од загадување преку затворање на неколку испусти на отпадни води што директно се излеваат во Вардар. Со изградбата на колекторите на двете страни на реката Вардар до 2020 година, ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје. Овој проект го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, а корисник е Градот Скопје, преку ЈП „Водовод и канализација“. Граѓаните на Скопје по завршување на изградбата конечно ќе добијат пречистителна станица во согласност со европските директиви, а воедно и контрола и третман на водата што се испушта во реката Вардар. Целта на проектот е да се намалат ризиците од загадување и да се подобри севкупната чистота на градот – рече  градоначалникот Шилегов.

Градот Скопје работеше на создавање услови за изградба на пречистителна станица, а поддршката од Владата на Република Франција е од исклучителна важност за унапредувањето на животната средина во насока на усвојување на европските стандарди од оваа област.

– Затвораме едно клучно прашање за животната средина. Третманот на отпадните води е наш висок приоритет. Ќе го подигнеме квалитетот на водата во реката Вардар и дополнително ќе придонесеме за заштита на подземните води во Скопската котлина, што се користат за наводнување и за пиење. Оваа градска администрација е посветена на реални капитални проекти, кои се од исклучително значење за здрава и чиста животна средина во Скопје следејќи ги потребите на граѓаните – нагласи Шилегов.