Се враќаат фантомите, на референдум ќе гласаат и умрените

Македонската дијаспора интензивно се подготвува за претстојниот референдум закажан за 30 септември. До вчера, скоро 1.000 граѓани се пријавиле за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

Во исто време, по социјалните мрежи се зголемува бројот на членови на групите кои имаат за цел да делуваат врз ставовите на граѓаните. Најголем дел од овие групи повикуваат на бојкот на референдумот, а се шпекулира дека дијаспората и покрај тоа што интензивно се пријавува за гласање, повикува на бојкот на референдумот. Најголем број пријави се доставени за гласање во Берн – 83, во Лондон – 77, во Торонто – 60, Љубљана – 62, Виена – 57 и Канбера – 42.

Се зголемува и бројот на организации кои најавуваат дека ќе одат од врата на врата да ги убедуваат луѓето да не излегуваат на референдум. Триесетина организации под слоганот “Македонија бојкотира” веќе најавија кампања за бојкот на најавениот референдум.

Во Македонија во секој момент се очекува да започне кампањата за референдумот, а во секој момент се очекува да биде дефиниран и буџетот за референдумската кампања. Премиерот Зоран Заев веќе се вклучи во кампања, деновиве тој се сретна со претставници на македонската дијаспора во Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска, САД. На средбата се разговарало и за важноста на претстојниот референдум и за потребата од проактивна улога на сите граѓани.

Увидот во избирачкиот список се уште трае, а од она што досега е познато, фантомски гласачи и починати лица и понатаму фигурираат на Избирачкиот список, соопшти невладината организација „Цивил“, која се занимава со следењето на изборите и која истакна дека само првиот ден од јавниот увид во Избирачкиот список биле идентификувани многубројни проблеми.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, вели дека само во последниот квартал од годинава биле поништени живеалиштата на вкупно 650 лица.

-Секој што е починат и за кого има приложено умреница, тој веднаш се брише од Избирачкиот список. Доколку починатото лице не е пријавено за починато, ние не можеме да знаеме и не можеме да го избришеме. Ние ажурираме само врз основа на официјална документација. Доколку има такви лица, тогаш некој од нивното семејство треба да пријави и да поднесе барање за бришење на лицето од Избирачкиот список. Тоа може да се направи само со копија од умреница и тоа значи дека ние не можеме да го менуваме списокот врз база на комшија или пријател кој без да приложи документ тврди дека некое лице е починато. Кога станува збор за фантомските гласачи, односно за оние лица кои се запишани дека живеат на одредена адреса, а всушност не живеат таму, тоа значи дека МВР им го издало тој личен документ со таа адреса. За ваквите случаи се водат управни постапки за поништување на живеалишта. Ние имаме поднесено такви дојави, па само во последниот квартал од годинава беа поништени живеалиштата на вкупно 650 лица, објаснува Гугучевска.

За прочистување на Избирачкиот список, ДИК побара помош од самите граѓани, кои ги замоли да ги пријават сите неправилности.