Се отвораат школи за родителство во Скопје, Битола и во Гостивар

Школи за родителство што ќе претставуваат еден вид советувалишта ќе бидат отворени во три јавни здравствени установи - во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, во Клиничката болница во Битола и во Општата болница во Гостивар.

Средствата за отворање на школите ќе бидат обезбедени во рамките на партнерски проект на Министерството за здравство и „Пивара Скопје“ за едукација на идните родители, преку кој ќе се одвојува по еден денар од секое продадено шише од водата „роса“ во пакување од 1,5 литар.

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција рече дека во тек е опремување на просториите во кои ќе бидат сместени школите, а младите родители ќе добиваат стручни совети и професионална помош за сите прашања што се однесуваат на бременоста и родителството.

- Токму во овие школи за родители ќе бидат вклучени и поливалентните патронажни служби од здравствените домови, заедно со обучен и стручен тим педијатри, гинеколози и акушерки што ќе ги обучуваат младите родители за успешно и одговорно родителство. Ќе се стави акцент на неопходните потребни прегледи за здрава бременост, здрав начин на исхрана на трудниците, совети за подготовки за породување, како и нега и исхрана на новороденчето, значењето од доењето и други теми значајни за подготовка и справување со секојдневните предизвици што ги носи родителството - рече Филипче.

Тој посочи дека Министерството за здравство има и посебна програма за унапредување на здравјето на мајките и децата. За оваа година, додаде Филипче, се предвидени 17 милиони денари за реализација на многу активности, меѓу кои и одржување едукативни работилници во ромски и рурални средини за детско здравје, здрава бременост и мајчинство. Се дистрибуира и едукативен материјал за младите родители, се прават и едукативни работилници за бремени и породени жени, како и за нивните партнери, на тема здрава бременост.