Само затоа што добро се справувам со работите, не значи дека не ми се тешки

„Немаш ти гајле, силна си.“

„Што е за тебе тоа, мачкина кашлица.“

Овие реченици обично се кажуваат како комплимент и луѓето најчесто имаат навистина добри намери. Но, тоа што сум силна, не значи дека „немам гајле“. Тоа што можам сама да ги завршам работите без да побарам помош, не значи дека не ми се тешки. 

Да, во принцип сама сум си крива затоа што незгодно ми е да барам помош од луѓето и често премолчувам и сама си ги средувам работите наместо да замолам некој да ми помогне и сфаќам дека тоа е моја вина, но исто така не е фер секогаш кога малку ќе се пожалам за некоја ситуација прва реакција да биде дека тоа не е ништо и дека лесно ќе се справам.

И справувањето може да е лесно, но никој не знае што се случува откако ќе завршам сѐ. Никој не ја гледа мојата истоштеност по многу стресен период. Или ја гледаат, ама баш им е гајле. Ја гледаат и си викаат: „Ајде ќе биде.“

Јас не сакам ништо од луѓето, само сочувство. Малку разбирање дека не можам секој ден да бидам насмеана и дека има денови кога сум уморна и тажна и дека ако не сакаат да разговараат со мене во таква состојба, подобро воопшто и да не се трудат отколку да ми велат да се расположам и дека што и да е, ќе се среди. 

Немам енергија некогаш да бидам среќна и весела. Немам енергија, бидејќи сум се борела со многу работа и сум доживеала јак стрес. И сакам да молчам и да не се смеам. Ама и тоа не е доволно изгледа. Треба секогаш и во секое време да бидам среќна, насмеана, опуштена и да бидам сѐ што сакаат другите. Никогаш не смеам да се пожалам, а ако се пожалам, „сакам сум си виновна што е тоа така“. 

Е па фала ви. Подобро да седам дома и да зјапам во таван отколку да треба да навлегувам во такви муабети. 

Некогаш ми е тешко едноставно и проаѓам низ тежок период. И не сакам ништо од никого освен трошка сочувство која секогаш ја добиваат од мене. 

Зарем тоа е многу да се бара?