Руските комичари за Заев: Никого не сме лажеле така

Владимир Кузњецов – Вован и Алексеј Стољаров – Лексус или руските пранкери кои  го измамија премиерот Зоран Заев, претставувајќи се на телефон дека се политичари, во ексклузивно интервју за српскиот весник „Политика“, зборуваат за мајтапењата со политичарите и велат дека токму Заев нема никогаш да го заборават.

– Макрон е прилично умерена и фина личност. Гуаидо во разговорот не ни остави впечаток дека е независен политичар. Борис Џонсон е интелигентен и ладнокрвен. Харадинај се обидува да остави впечаток на љубезен дипломат, но слабо му успева. Премиерот Заев е навистина неверојатен: ниеден политичар пред него не сме успеале да го мамиме на таков начин речиси цела година, велат двајцата пранкери за српскиот весник.

За потсетување, комичарите објавија видео во кое од името на поранешниот украински претседател, Петро Порошенко, разговараат со македонскиот премиер, Зоран Заев, а потоа го вклучуваат и „генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг..

На прес конференција по случката премиерот Заев призна дека бил жртва на измама и ја призна автентичноста на снимката.

- „За жал и јас станав еден од оние кои беа измамени во добро организирана структура,најчесто насочени против личности и земји со евроатлански аспирации. Сепак не сум единствен, на ист начин измамени се Макрон, Борис Џонсон, Елтон Џон и Ердоган, листата покажува дека сум во добро друштво. Испочитувани се сите протоколи пред да се воспостави комуникацијата“ рече Заев.

Подвлече дека не планира да поднесе оставка, бидејќи според него во случајот не се работи за издавање на државна тајна.