Вечерва во камерната сала на Македонската филхармонија, македонскиот виолинист Олег Кондратенко ќе одржи рецитал. Тој ќе настапи со пијанистката Марија Ѓошевска, која освен на пијано ќе свири и на чембало.
На програмата има дела од Георг Фридрих Хендл, Јоханес Брамс, Оливие Месијан и Рихард Штраус.
Олег Кондратенко (1973) почнува да свири виолина на седумгодишна возраст. Го завршува нижото и средното образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на професорите П. Николов и Р. Димитриев. Студиите ги продолжува во Ротердам, во класите на проф. И. Груберт и З. Гилелс, каде ја завршува првата година. Кондратенко дипломира на ФМУ во класата на проф. Зоран Димитровски, по што завршува постипломнски студии на Високата школа во Келн.