Расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“ добитник на наградата „Живко Чинго“

Расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“ под шифра „Сина планета 369“ е добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2022 година, што општина Охрид ја доделува по повод традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.

На конкурсот, како што соопшти општинската прес-служба, биле пристигнати 56 раскази.

Жири-комисијата во состав, Димитар Пандев – претседател и членовите Славе Ѓорѓо – Димоски Перчо Божиноски, по разгледувањето на пристигнатите раскази заклучиле дека македонските автори на раскази опфаќаат разнородни тематски слоеви и на естетско-уметнички план доста варираат.

– И покрај тоа што повеќето од пристигнатите раскази не задоволуваа одредени расказни критериуми, еден дел од нив се издвоија со високи уметнички вредности, а пет влегоа во најтесен избор. По повеќе дискусии, Комисијата едногласно одлучи годишната награда „Живко Чинго“ да му припадне на расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“ под шифра „Сина планета 369“, стои во образложението на жири-комисијата

Расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“ се издвоил со висока уметничка нарација, структура и тематска иновативност.

– Приказната осцилира меѓу стварноста и дистопскиот наратив и авторот вешто користи ироничен и приниклив однос кон новото време, со расказот виртуелно наведува на непостоење граница меѓу физичкото и духовното во современиот живот на човекот, прикажан преку главниот лик, стои во одлуката за наградата „Живко Чинго“ за 2022 година.

Авторот на расказот со четвртиот примерок најдоцна до 11 август треба да отиде во просториите на општина Охрид и да го докаже своето авторство.