„Работиме од денес за утре“: Голем број работници не се дел од системот за заштита при работа

„Ако најдеме работа ќе можам денеска да купам дома за  јадење, ако не нема. Автолимар сум се случува три дена да работам, па две недели да нема работа“, вели Цобе Божиновски.

Над 20.000 домашните работници во Македонија не се заштитени според Законот за безбедност и здравје при работа и нивната работа не е доволно прецизирана во Законот за работни односи. Немаат пензиско и инвалидско осигурување и се дел од сивата економија.

Тој се плаши дека ако продолжи вака нема да успее да добие ниту пензија. Се надева дека државата ќе најде начин за домашните работници како него да ги внесе и нив во системот.

Но според НВО секторот кој се занимава со оваа проблематика само 30% од домашните работници во Македонија сакаат да бидат внесени во системот, останатите сакаат да работат на црно. За да се стопира сивата економија и овие работници да добијат пензиско и инвалидско осигурување се бара нивно поголемо вклучување во новиот закон за работни односи.

Синдикалците велат дека овој проблем може да се реши само со вистинска одлучност на државата да го реши проблемот, a не како досега.

Од Министерстовото за труд само потврдија дека домашните работници ќе биделе дел од новиот закон за работни односи, но без да прецираат повеќе детали.