Пуштен е во употреба пешачкиот натпатник што ги поврзува населбите Хиподром и Инџиково за чија изградба Градот Скопје вложи 38 милиони денари.
Натпатникот долг 63 метри и широк 5,4 метри, е со бетонски столбови, челични скали и челични рампи. Ќе овозможи безбеден премин на пешаци, пешаци со велосипеди и лица со посебни потреби.
Покрај зголемена безбедност преку автопатот Скопје – Петровец, натпатникот ќе биде и порта за влез во градот. Површината за движење е широка 3,1 метар, а по должината на натпатникот е поставена ограда висока два метра, изработена од челични профили и челична мрежа, како и конзоли за инсталации.
Натпатникот ќе го осветлуваат 12 канделабри, а ќе бидат осветлени и рампите.
Како што истакнаа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и градоначалникот Коце Трајановски на пуштањето во употреба, изградбата на натпатникот е од исклучително значење за жителите на Хиподром и на Инџиково, бидејќи оваа локација со години претставува црна сообраќајна точка на автопатот кон Петровец, со многу сообраќајни несреќи. Со натпатникот, воедно, решевањето на деценискиот проблем, по барање на граѓаните од општина Гази Баба, стана реалност.
– Овој мост е уште еден пример за одличната соработка помеѓу централната и локалната власт, нагласи Мисајловски.
Според него, преку Министерството за транспорт и врски до сега во општина Гази Баба се реконструирани седум локални патни правци што е вкупна инвестиција од 60 милиони денари. Во завршна фаза е и последниот дел од локалниот пат од село Сингелиќ до село Раштак, вкупна инвестиција од 10 милиони денари.
– Овој пат до крајот на годината ќе биде завршен. Во делот на комуналната инфраструктура, во оваа општина инвестирани се преку 51 милиони денари за подобрување на водоводната и канализациската мрежа, рече Мисајловски и потсети дека оваа година почна да се гради клучката кај Смилковци, инвестиција вредна 40 милиони денари, која се очекува да биде готова во првиот квартал од 2016 година. Целта на овој проект на Градот Скопје е да се овозможи непречено и безбедно движење на граѓаните од двете населби преку автопатот.