Од Сојузот на извидници на Македонија апелираат до медиумите да известуваат професионално, а не сензационалистички во врска со извидничкиот камп за кој реагираа родители и деца дека се спроведувале несоодветни и вознемирувачки активности
Сојузот на извидници на Македонија (СИМ) информира дека Прв скопски извиднички одред е привремено суспендиран, а конечна одлука во однос на евентуалните дисциплински мерки ќе донесе Собранието на СИМ врз основа на резултатите од преземените дејствија за истражување на случајот.
„СИМ има целосна доверба во сите надлежни државни органи и институции и им дава целосна поддршка во насока на расветлување на настаните. Истовремено, во тек е и интерна истрага во која се вклучени лица од Сојузот и независни професионалци, со цел утврдување на евентуални прекршувања на интерните акти, правила и вредности на СИМ“, се вели во соопштението.
Од Сојузот апелираат до медиумите да известуваат професионално и според новинарскиот етички кодекс за овој случај, а не да се пласираат непроверени и сензационалистички содржини.
„Сојузот на извидници на Македонија во изминатите денови вложи сериозни напори да се воздржи од коментирање на сензационалистичките објави на речиси сите медиуми во државата во врска со наводни скандалозни активности на извиднички камп. Целта на ваквиот пристап е овозможување на надлежните државни органи и институции самостојно, независно, непристрасно и непречено, со согласност со нивните законски надлежности, да ги расветлат сите факти поврзани со случајот. Истовремено, единственото соопштение на СИМ со кое се осудуваат било какви акти на вознемирување и се повикува на целосно расчистување на случајот помина речиси незабележано во јавноста“, се вели во соопштението.
Додаваат дека сите луѓе кои на некаков начин се вклучени во извидништвото со шок и неверување ги следат медиумските написи пласирани во македонските медиуми.
„За нас е просто неверојатно со каква леснотија медиумите го поврзуваат настанот за кој пишуваат со генералниот поим за извидништво, извидници, извиднички кампови, извидничка организација и извидничко движење. Како невладина и целосно неполитичка организација, особено го осудуваме тоа што одредени медиуми ја злоупотребуваат веста во политичка конотација. Апсолутно сме уверени дека ваквиот начин на медиумско известување на ниту еден начин не помага во поддршка на учесниците на предметниот настан, напротив, сметаме дека со моменталниот медиумски пристап грубо се засега во правата на овие лица и нивните семејства“, велат од Сојузот и бараат од медиумите со голема внимателност да ги преиспитаат методите за известување во врска со оваа тема.
„Во оваа насока, бараме сите објави на темата да бидат засновани на проверени и релевантни информации за настанот, во согласност со одредбите од Кодексот за медиумска етика. Ова особено доколку се има предвид дека процесите за утврдување на фактите и евентуалната одговорност се во тек, додека известувањето базирано на непроверени, еднострани и шпекулативни информации можеби носи гледаност, слушаност и читаност, но истовремено предизвикува несогледливи последици, особено кај најранливата категорија чија заштита е во примарен наш интерес и во интерес на целото општество“, велат од Сојузот.