Простор зад Филхармонијата - на само стотина метри од плоштадот Македонија постои див паркинг

Додека градските власти се обидуваат преку зголемување на цената на паркирање по улиците во строгиот центар на градот да ги демотивираат возачите, на само стотина метри од плоштадот Македонија постои див паркинг, пишува Вечер.

Станува збор за голема површина зад Македонска филхармонија и меѓу Даут Пашин Амам, Македонска опера и балет и плоштадот Скендер бег. Порано оваа парцела беше обрасната со трева, а сега, откако стана муфте паркинг е раскопана, полна со дупки и вода по секој дожд и со кал на сите страни.

Но, тоа не ги спречува скопјани за ич пари да си го паркираат својот љубимец на четири тркала. И не само тие, за овој таканаречен паркинг знаат од цела Македонија, бидејќи таму има паркирано возила со регистарски таблички буквално од секој град во Републиката.

– При секое доаѓање во Скопје овде го паркирам автомобилот и одам да си ја завршам работата по која сум дојден. Овој паркинг е на одлична локација бидејќи е на половина меѓу Битпазар и Чаршијата, а од другата страна е ГТЦ и плоштадот – ни рече Стојко П. од Крива Паланка.

Град Скопје сака овој простор кој претставува приватна парцела да го уреди како јавен простор.

– Таму е дива лига. Секој сака муфте да се паркира. Градот не може да го уреди тој простор бидејќи станува збор за приватна парцела. Во преговори сме со сопствениците на просторот тие сами да го уредат, или, пак, да му го дадат на Градот да го направиме јавен простор – неодамна изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Како да се уреди овој простор во строгиот центар на Скопје се споделуваат идеи на граѓанските форуми. Се предлага таму да се подигне пејсажен плоштад ако не може рамно плато што би било продолжен сквер на чаршискиот, бидејќи отвора можност за концерти на отворено. Друг предлага овде да се направи Алеја на Великани каде што ќе бидат распоредени спомениците од оградите по мостовите на Вардар и дел од историските личности. Има повеќе предлози овој простор да се зазелени, да се реизгради во некоја форма на модерен парк, поврзан со плоштадот и да се збогати евентуално со некои културно-рекреативни содржини.