Првичните реакции за македонската серија „Бистра вода“ се позитивни и оние кои ја погледнале првата епизода, со нетрпение ги очекуваат останатите 17.
Ова беше кажано на денешната прес-конференција во Скопје, на која беше промовирана новата платформа за македонска продукција „Кинемое“, каде прва ексклузивна содржина ќе биде токму серијата „Бистра вода“.
Продуцентот, сценарист и режисер Јани Бојаџи изјави дека би сакал во земјава да не се зборува само за политика и проблеми, тука за македонски серии, филмови и слично, нагласувајќи дека проектот „Кинемое“ треба да биде поттик за нови медиумски можности.
- Светот ги има „Нетфликс“, „Хулу“, „Амазон“... Ние не смееме да изостануваме. Македонија е дел од светот. „Кинемое“ е платформа со амбиција да биде македонскиот „Нетфликс“, да биде само за македонски документарци, подкасти, серии и така натаму. Нема да биде лесно, но сакаме ова да го истераме до крај, истакна Бојаџи.
Тој најави и нови проекти, а меѓу нив и „ситком“ серија во американски стил, во која, како што најави, ќе играат и актери добро познати на јавноста.
Еден од глумците во „Бистра вода“, Зоран Љутков посочи оти бил изненаден од младите актери во серијата, за кои смета дека ги очекува блескава кариера.
Ко-продуцент и извршен продуцент на серијата е Дејан Милошевски, според кога осумнаесетте епизоди на „Бистра вода“ се како 18 филмови, додека прв асистент на режијата е Никола Поповски. Од 5 март, „Бистра вода“ ќе се емитува на телевизија, како и на платформата „Кинемое“.