Македонскиот ПЕН центар вечер во НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе ја промовира книгата есеи „Пикасо го изеде јаболкото, а тоа му рече благодарам“ на својот член Данило Коцевски.

На промоцијата, закажана за 19 часот, ќе се обрати претседателот на македонскиот ПЕН центар Зоран Анчевски, а промотор на книгата ќе биде прозаистот и есеист Александар Прокопиев. Делови од книгата ќе чита поетот и критичар Ѓоко Здравески.

На присутните ќе им се обрати и авторот на книгата, Данило Коцевски. Книгата „Пикасо го изеде јаболкото, а тоа му рече благодарам“ содржи низа критичкотеориски текстови посветени на феноменот на дадаизмот, од кој произлегува и насловот на книгата.

Авторот се осврнува и на актуелни проблеми и дејци во областа на современата теорија и уметност, како што се поглавјата за Џојс и Дерида, Џојс и Набоков, Џојс и Јунг и др. Опфатен е и феноменот на изместените наративи во кои се толкува и прозата на познатиот француски писател Жорж Перек, како и одделни аспекти од делото на Данило Киш.

Во книгата се застапени осврти и толкувања на теориите на плејада современи теоретичари, меѓу кои: Тери Иглтон, Жил Делез, Жак Лакан, Барбара Џонсон, Жан Бодријар, како и за најновата постхумно издадена книга на Мишел Фуко за сексуалноста. Опфатен е и феноменот „Зошто молчи критиката?“ во текстот „Пост-метафизиката и пост-критиката, предизвици на критичкиот дискурс денес“.

Кликни тука за повеќе: Промоција на „Пикасо го изеде јаболкото, а тоа му рече благодарам“ на Данило Коцевски | opserver.mk