Претставата “Дух” вечерва премиерно ќе се изведе во Македонскиот народен театар

Претставата “Дух” по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ вечерва премиерно ќе се изведе со почеток од 20 часот, во Македонскиот народен театар.

Според Јаниќијевиќ, овој текст на Дуковски е поразличен од она што овој автор има напишано досега, односно за режисерот е можеби еден од неговите најдобри.

“Секој човек што ќе ја гледа оваа претстава ќе се препознае, ќе ја осети болката и ќе сака да стане дел од решението на проблемот во општеството во кое живееме. Тој проблем е дека сите чувствуваме суштинска неправда, а не гледаме никаков излез. Како да тонеме, а тој момент на немоќ, оваа претстава се обидува да го сруши и да покаже дека можеме да избориме нов пат“, рече на прес-конференцијата по повод премиерата Јаниќијевиќ. Тој воедно истакна дека револтот, бунтот на главниот лик Мара е против турбо-фолк начинот на мислење, а претставата дава една визија, на еден радикален и див начин, како е да се земат работите во свои раце и како е да се бориш/избориш за свој простор. “Во претставата го има тој анархистички дух да се справиме со таа глобална неправда и да се обидеме да правиме радикални промени”, додаде Јаниќијевиќ.

Во претставата играат Гораст Цветковски, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Јордан Симонов, Тони Михајловски, Емил Рубен, Ивица Димитријевиќ, Оливер Митковски, Нина Деан, Тина Трпковска, Матеа Јанковска, Никола Ацевски.
Актерот Гораст Цветковски која ја толкува улогата на Александар Мара истакна дека неговиот лик некои го викаат анти-Хамлет, а некои, пак, Оној кој казнува. “Тој е урбан херој кој ја зема правдата во свои раце и тргнува по сите оние кои му згрешиле”, посочи Цветковски.

Актерите Кочовска, Трпковска, Димитријевиќ и Јанковска на прес-конференцијата, пак, зборуваа за процесот на подготовка на претставата кој го оценија како полн со синергија, но и рок енд рол.

Сценографијата е на Велимир Жерновски, костимографијата на Лидија Георгиева, дизајн на звук е Илија Цветковски, а музиката на Надежда Рубен, Ивица Димитријевиќ и Јаниќијевиќ.