Предлог: Шилегов 100-те илјади евра за новогодишната прослава да ги донира во хумани цели

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од град Скопје бара градоначалникот Шилегов 100-те илјади евра наменети за новогодишната прослава да ги пренамени за хуманитарни цели и истите да ги донира. Наместо новогодишна прослава на плоштад парите да се донираат во хумани цели, се вели во соопштението на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје.

„Воедно во знак на транспарентоста и отчетноста кон граѓаните бараме да се објават донаторите кои обезбедија сто илјади евра за новогодишна прослава. Го повикуваме Шилегов да ја употреби својата моќ на убедување, спонзорите парите да ги дадат во хумани цели.

Шилегов да објасни како од бесплатна прослава на плоштад се стигна до 100 илјади евра за една вечер.

Шилегов исто така треба да објасни низ каква постапка се доделени 300 илјади евра за новогодишно китење на градот и дали оваа сума не можеше да биде драстично помала и заштедените средства да се употребат за капитални инвестиции. Зошто Скопје троши 400 илјади евра, за китење и новогодишна прослава за Нова Година кога илјадници скопјани се без канализација и соодветен водовод. Дали  средства не можеа да се инвестираат во итни мерки за почист воздух, со оглед на тоа што Скопје е најзагаден град во Светот.

Како советничка група очекуваме дека  градоначалникот Шилегов сомнежите ќе ги расветли единствено доколку донесеме заедничка одлука за донирање на средствата од 100 илјади евра за хуманитарни цели“, се вели во соопштението на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ на град Скопје.