Познатите се простуваат од кралот на саксофонот: Не постои човек кого го нема станато од столче

Најпознатиот македонски кларинетист и саксофонист и крал на ромската музика Ферус Мустафов денес почина на 72-годишна возраст. 

Неговите колеги, соработници, но и фанови се збогуваат од него на социјалните мрежи. 

- Толку многу ја сакаше „Свири ми брате Цигане“. Толку многу убави моменти и заеднички снимања, настапи. Жалам, ужасно жалам бидејќи знам дека со твојот саксофон и кларинет можеше уште многу долго. За жал, не постојат правила за многу нешта во животот, така и правилото да си замине некој пред време. Почивај во мир пријателу, прекрасен музичару. Знам дека, горе на небото, си заедно со нашето братче Мирослав, кој беше одличен музичар, Тоде Новачевски, прекрасен композитор, Драган Вучиќ, менаџер и музичар, Милан Завков, прекрасен композитор, Зоран Џолев – еден и единствен на виолина. На сите Вас ви се поклонувам со огромна почит. Почивај во мир, драг Ферусе, напиша Росана Сариќ Тодоровска, која заедно со него ја изведоа легендарната „Свири ми брате Цигане“.

- „Затоа свири за мене, свири ми брате Ферусе..." Лесна ти земја, мајсторе...напиша нашиот Игор Џамбазов. 

- Кога му ја врачив Бубамарата лани, јас реков: „Станете сите, доаѓа Кралот“. И целата сала беше на нозе. Оти еден е Кралот и само така се дочекува. А така заслужува и да го испратиме. Слава му!, напиша водителката Снеже Велков.

- Збогум легендо.... Сега со Есма ќе го делите небото... R.I.P. Ферус Мустафов, објави Калиопи.

- Денес нè напушти Ферус, кралот на саксофонот. Еден од најголемите ‘мајстори’ на саксофонот, ако не и најголем. Почитуван и сакан од сите колеги, човек со голема смисла за хумор и огромно срце, кој живееше за музиката и беше музика. Преку своите звуци убедени сме дека не постои човек кого го нема станато од столче со рацете дигнати нагоре. Ќе ни недостигаат оние кратки патувања, шали и дружби. Вечна ти слава брате Ферусе. Почивај во мир и свири им горе, весели ги како ти само најубаво знаеш, напишаа од дуото „ДНК“.

-Ти беше еден од најдобрите и најпознатите музичари што некогаш сум го имал до мене до самиот крај на твојот живот, како мој учител советник, како мој втор татко за совети кој немаше никаква љyбомора на ниеден колега затоа што ти беше самиот Крал на својот инструмент и занает, и кој бевте искрен, сигурен и одличен критичар. Благодарение на тебе сум денес тоа што сум го постигнал во музиката, со твоето најдобро пренесено искусво, ќе бидеш секогаш запаметен во моето срце како најдобар човек што го имав до мене единствен Крал Чичко Ферус мој, многу ќе ми фалиш…И бевте искрен, сигурен и одличен критичар, напиша познатиот македонски музичар Џамбо Агушев.