Повеќе настани во градска библиотека „Браќа Миладиновци“ за „Бела ноќ“

И оваа година библиотеката „Браќа Миладиновци“, подготвува програма преку која ќе се приклучи на настаните од традиционалната „Бела Ноќ“. 

Библиотеката е едно од клучните градски културни јадра, па годинава за прв пат Бела ноќ ќе ја отвори со Клубот на читатели посветен на романот „Сфинга на гневот“ на Жарко Кујунџиски, книга на месец септември во градските библиотеки.

-Клубот на читатели е замислен како неформална средба на оние што ја прочитале или сакаат да ја прочитаат книгата што ја предложивме овој месец, со што ја започнавме големата кампања „Читаме современи македонски автори“. Клубот на читатели е закажан за 1 октомври во 12 часот во Паркот на поезијата во нашата Библиотека и ќе го води Денис Бојаров - информираат од библиотеката.

Додаваат дека во исто време во Игралната во Библиотеката „Другарче“ ќе биде одржана креативна работилница за деца „Лисичката плетачка“ со Ана Голејшка Џикова и Ангела Георгиевска. Работилницата ќе биде бесплатна и е наменета за деца од 3-8 години. Бројот на места е ограничен, па пријавувањето е на мејлот: biblmiladinovci@gbiblsk.edu.mk

За во 20 часот, планирано е поетско читање во Паркот на поезијата, а ќе настапуваат: Владимир Лукаш, Катерина Гогова, Митко Апостолов, Д.А.Лори, Андреј Ал-Асади, Софија Тодоровска, Диме Данов. Водител ќе биде Биљана Стојановска

На крај, во 21 часот, активностите завршуваат со музички настап на дуото Jazzna Dares.