Потпишан договор за спроведување на ИПА проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“

Во Министерството за животна средина и просторно планирање, министерот за животна средина и просторно планирање, г. Садула Дураки, градоначалникот на Град Скопје г. Петре Шилегов и техничкиот директор на ЈП Водовод и Канализација - Скопје Златан Икономов, потпишаа Договор за спроведување на ИПА проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“.

Со реализацијата на овој проект граѓаните на Град Скопје ќе добијат прочистени отпадни води, што значи поздрава животна средина и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните.

Исто така ќе се заштитат водите на река Вардар, а со изградбата на колекторите ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје, за што Владата се обврза да започне најдоцна до 2020 година.

Во Договорот се поделени улогите и одговорностите за реализација на ИПА проектот помеѓу Градот Скопје, ЈП „Водовод и канализација” – Скопје, и Министерството за животна средина и просторно планирање, за да се воспостави формална договорна основа помеѓу крајните корисници за успешно спроведување на проектот, преку давање поддршка на сите активности во нивна надлежност.
Проектот, за чијашто реализација ќе се потрошат над 10 милиони евра, ќе се финансира од средствата на ЕУ и од буџетот на Република Македонија.