Порибени водите на реката Треска

Во организација на Одделението за туризам при Секторот за Локален економски развој (ЛЕР) на Град Скопје во водите на реката Треска беа пуштени 2.000 парчиња македонска ендемична пастрмка (Salmo macedonikus- Karaman, 1924).

Целта на проектот е да се овозможи заштита на македонската пастрмка и вретенарот, а со тоа и зголемување на бројноста на популацијата во течението на реката Треска, вклучувајќи ги и акумулациите Матка, Св.Петка и Козјак.

Исто така, проектот ќе придонесе за заштита на македонската пастрмка како дел од богатото природно наследство, збогатување на туристичката атракција преку развој и промовирање на високо квалитетен рекреативен и спортски риболов, подигање на свеста кај јавноста, зајакнување на улогата на туризмот и учество на заедницата во туристичките активности со цел да се воспостави економски возможен, одржлив и локално базиран еколошки туризам.