Пораст на бројот мозочни удари во последните три недели

Зголемен број на мозочни удари во последните три недели. Високите температури и променливото време носат повеќе пациенти во болница.

Во последните три недели, високите температури и променливото време предизвикаа значително зголемување на бројот на пациенти на Неврологија во ГОБ „8 Септември“. Одделот за интензивно лекување и нега бележи пораст на случаи на мозочен удар, проблеми со мозочната циркулација и мозочни крвавења.

„Најчесто се работи за постари пациенти, од 75 до 92 години, со тешки клинички манифестации како одземеност на половина од телото, неможност за говор и разбирање, како и нарушена свест,“ објаснува д-р Илија Здравков, невролог. Тој додава дека честите дехидрации и губење на течности од организмот, заедно со други фактори, создаваат услови за пораст на мозочните удари.

Променливото време дополнително го надразнува мозочното ткиво, што доведува до влошување на состојбата кај сите невролошки пациенти, вклучително и оние со епилепсија, Алцхајмерова деменција и Паркинсонова болест. Поради тоа, лекарите препорачуваат граѓаните да се изложуваат на сонце само кога е неопходно, особено во периодот од 10 до 18 часот.

Итната медицинска помош исто така бележи зголемен број на повици поради наглите промени во температурите.

„Човечкиот организам реагира на тие промени, особено кај осетливите и хронично болните, но за жал сега и кај помладата генерација,“ вели д-р Марина Сотировска од Итната медицинска помош.

Лекарите апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките за умеренo климатизирање во затворени простории и автомобили, за да се избегнат температурни шокови и да се намали ризикот од здравствени проблеми.