Поради загадениот воздух се најавува отсуство од настава во училиштата

Зовреа социјалните мрежи откако средношколци и родители почнаа да се организираат за бојкот на наставата утре (петок), поради загадувањето на воздухот. Некои од родителите во своите постови објавија дека нема да ги носат децата во градинка, затоа што некои добиле пневмонија. Средношколците пишуваат дека се крајно изреволтирани од непреземањето ништо, од лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој проблем што ги засега сите жители. Најавуваат дека и тие ќе се приклучат на креираниот настан на социјалната мрежа Фејсбук, на кој на протестен марш утре ќе излезат над 35 граѓански движења обединети во „Зелен фронт“.

Наспроти реакциите на граѓаните неодамна, скопскиот градоначалник Петре Шилегов во јавноста неколкупати кажа дека загадувањето е видливо намалено. Граѓаните не се согласуваат со кажаното, бидејќи тоа не го покажуваат мерењата на концентрациите на загадувачките материи во воздухот во Скопје, кои се неколкукратно повисоки од дозволеното.

Ова го потврдија и со објавата на социјалните мрежи за тоа колкаво е загадувањето во населбата Ново Лисиче кај поранешната автобуска станица, на последна петка. Таму беше регистрирано присуство од 1.066 микрограми ПМ10 честички на кубен метар. Изминативе денови во државава речиси насекаде воздухот е енормно загаден. Освен во Скопје, мерните станици покажуваат големо загадување во Струмица, Битола, Тетово и во Кочани. Граѓаните прашуваат што ќе се преземе за да се намали загадувањето?

Според регулативите и упатствата на Светската здравствена организација, дозволеното безбедно ниво на ПM10 честичките изнесува од 20 до 40 микрограми на кубен метар. Тоа значи дека, според европските норми, загадувањето од ПМ10 честичките измерено кај мерната станица во Ново Лисиче е 26 пати над дозволените граници. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, дозволената средна дневна гранична вредност во нашата земја за ПМ10 честичките изнесува 50 микрограми на кубен метар. Извор-НоваМакедонија