Поради енормниот број на апликации Економија го затвори јавниот повик за доделување субвенции за одмор

Поради големиот број пристигнати апликации, Министерството за економија донесе одлука, заклучно со крајот на денешниот ден, 16.2.2024 година, до 15.30 часот, да го затвори јавниот повик за организирање одмор за работници со ниски приходи за 2024 година.

Крајниот рок за пријавување на овој оглас беше предвиден да заврши на 29-ти февруари ама поради напливот на апликации од министерството се принудени да го затворат речиси на 2 недели пред истекот на рокот. Од финансии кажаа дека за пет дена од објавувањето на огласот во архивата на Министерството за економија и по пошта пристигнати се над 3.600 апликации.

Се очекува оваа бројка на апликации дополнително да се зголеми со барањата што ќе пристигнат по пошта во наредните денови.

За оваа мерка од буџетот на Министерството за економија се обезбедени средства во износ од 64.000.000 денари (околу еден милион евра), од кои е предвидено да се издадат вкупно 3.555 потврди – ваучери за одмор за работници со ниски приходи.

Во согласност со јавниот повик се доделува потврда – ваучер од 18.000 денари за сите физички лица што се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50.000 денари, кои ќе аплицираат за оваа мерка по принципот прв дојден – прв услужен и во прилог на барањето да имаат комплетна документација во согласност со јавниот повик.