Поништен штетниот план за Влае кој предвидуваше масовна бетонизација на населбата

Мнозинството советници од Советот на Град Скопје вчера ја прифатија иницијативата „Зелен Хуман Град“ ја достави на барање на жителите од населбата Влае, поврзана со Регулациски план за СЗ 19 кој предвидуваше масовна бетонизација на населбата.

- Сите знаеме со која брзина се дигаат облакодери, а колку е бавна правдата за обичниот човек. Со оваа предлог-одлука му даваме моќ и надеж на секој граѓанин дека има претставници во локалните совети кои стојат рамо ро рамо со нив, а не наспроти нив, изјави Горјан Јовановски од „Зелен Хуман Град“. 

Според фотографијата објавена на социјалните мрежи за поништување на регулацискиот план гласале советниците на „Зелен Хуман Град“, ВМРО ДПМНЕ, ЛДП и Левица. Додека, советниците на СДСМ биле воздржани по предлог иницијатива. Во таа насока од „Зелен Хуман Град“ велат дека една советничка група иако ветила поддршка на Борба за Влае, ги извисила во последен момент.

„Ние не очекувавме ништо различно од политичка партија која и го донесе овој крајно нехуман план не обѕрнувајќи се ни тогаш ни сега на аргументите зошто планот никогаш не ни смееше да биде донесен таков каков што е – во корист на градежната мафија“, реагираат од зеленото движење и потенцираат дека на сите ни е доста од политичари што немаат проблем да ги виткаат сите закони кога треба со брзина на светлината да се фрла бетон и асфалт за лични интереси, а кога треба да ги заштитат здравјето и животите на нашите сограѓани безочно манипулираат и банализираат.