Педагозите и психолозите по училиштата не постојат за да изиграваат вештерки и плашила

Не стивнуваат реакциите по вчерашната трагедија во училиштето во Белград.

Искрен и моќен став на Калина Коси! 

Еве што напиша таа по повод поразот на општеството кој може да се огледа во овој случај и што треба да се превземе:

-Ни дојде Америка на Балканот! И тоа го дочекавме. Масакрот во Белград е најстрашното нешто што можеше да се случи. Пораз на сите полиња! Наставниците не постојат само за единици и петки, нека си ги отворат очите пошироко! Педагозите и психолозите по училиштата не постојат за да изиграваат вештерки и плашила, нека поразговараат малку со децата! Директорите нека се активираат, нека се зајакнат безбедносните мерки!

Родителите? Ах, толку многу работи треба да се направат... контрола, дисциплина, ред, внимание, разговор, воспитување и учење во духот на вистинските вредности. Тргнете ги од компјутер, од видео игри со колење, пукање и крвишта, од тик-ток предизвици опасни по живот, следете што прават, со кого се дружат, за што разговараат, какви содржини гледаат на интернет, каква музика слушаат... што ги мачи, имаат ли некаков проблем, прашајте ги некогаш како за промена... Бидете им позитивен пример. И носете ги во театар, парк, кино, немојте на стрелиште да ги носите и таму да ги учите како се пука од пиштол?!

Државите? Предолга е листата... Ослепени од корупција и задоволување на сопствените интереси, политичарите целосно ги заборавија децата! На послужавник им сервираат идоли од филмови за балкански банди, од ријалитија во кои секојдневно си гледаат разврат, насилство и блуд во живо, од старлети кои се продаваат за пари за да изгледаат како вештачки кукли, од музички бендови кои си пејат за моќта на оружјето, дрогата, тупаницата, парите, скапите автомобили, алкохолот...

Па уште се чудиме како можело вакво нешто да се случи? И зошто, кога и како тоа мирно дете со сите петки се претворило во монструм? Ете баш вака. И кој е крив сега? Никој не правел тоа што бил повикан да прави. Никој не си ја завршил работата како што треба. СИТЕ СЕ КРИВИ!

Ова е аларм, од невидени размери, нешто да се преземе, вакво нешто да не се случи и кај нас! Дали некој ќе го слушне? Се плашам дека нема.