Ова ли е сликата од Скопје која сакаме другите да ја видат?

Секое утро, комуналните работници од Скопје, во паркот „Жена борец“, познат меѓу луѓето како Жена-парк, имаат полни раце работа да го расчистат отпадот кој останал покрај клупите од претходната вечер. 

Ѓубрето е фрла секаде, освен во корпите за отпадоци, кои за волја на вистината, голем дел се или искривени или оштетени. 

Откако рано наутро прошетавме низ паркот, не можевме, а да не ги забележиме празните шишиња и лименки оставени на масичките за шах, отпадот околу корпите, но и хартија и пластични ќеси од храна, оставени на самите клупи или фрлени на земја. 

За среќа, комуналните работници успеваат да го средат тоа пред да започне поголемото движење низ градот и да пристигнат туристите од странство. Но, оние кои се движат порано низ градот, гледаат една лоша слика во еден од најубавите и најпрепознатливите паркови во Скопје.