Отворен 4- ти Саем за вработување и пракса „Контакт 2017“

За домашните ИКТ компаниите е предизвик да најдат нов кадар поради големата побарувачка на пазарот, но се задоволни од понудата од ИКТ факултетите.

Нивни претставници од денеска до 22 април  имаат можност за средби со студенти од ФИНКИ и ФЕИТ на четвртото издание на Саемот за вработување и пракса „Контакт 2017“, што се одржува во организација на студентските парламенти од факултетите од овие области.

Учествуваат на саемот за да можат да најдат кадри кои би ги вработиле и да понудат пракса  за студентите кои сакаат да стекнат повеќе технички знаења надвор од студиските програми на факултетите.

– Првпат сме на саемот и пријатно сме изненадени. Кадарот што излегува од факултетите е навистина добро подготвен, но мора да признаам дека денес е навистина предизвик да најдете кадар бидејќи побарувањата се се поголеми, има многу проекти и тешко се наоѓа добар кадар, изјави Владимир Јосифовски, менаџер  во компанијата IT gma.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска на отворањето на саемот пред студентите истакна дека одбрале една од најперспективните професии и оти сега е време да почнат да размислуваат за професионалните кариери.

– Особено го ценам фактот што навреме сте ја увиделе потребата за развој на т.н. „меки вештини““. Токму ваквите вештини, модерно наречени  „third space thinking“,  ќе бидат пресудни и за вашата кариера и оти покрај вашите стручни познавања ќе ви обезбедат полесен влез во светот на бизнисот, рече Арсовска Томовска, посочувајќи дека покрај програмерите на ИТ пазарот се повеќе се најбарани и експерти за сајбер безбедност, инженери за анализа на податоци и за облак технологии.

Според деканот на ФИНКИ Иван Чорбев, македонските дипломци успешно се справуваат со предизвиците на домашаната, европската и светската ИТ индустрија. Претстави пример дека дипломка од ФИНКИ  има  успешен старт ап во Барселона со проценета вредност во милиони.  – Наша задача е да ве подготвиме сами да учите за да може  по завршувањето да ги совладувате вештините  и алатките кои се менуваат динамично и ќе ве задржат да бидете конкурентни  вработени во брзорастечки ИТ фирми но и способни претпримачи кои сами ќе создадат фирми и продукти, рече Чорбев.