Отпадот кај Ѓорче е сериозна закана по здравјето на скопјани - Токсикологот Чибишев со стручен став

При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони

По оваа вест се огласи и познатиот доктор токсиколог Андон Чибишев. 

Тој вели дека, бидејќи се работи за отпад кој е продукт од преработка на акумулатори кои содржат тешки метали како олово, кадмиум, и жива кои на краток и долг рок, можат сериозно да ја загадат животната средина заради загадување на почвата и подземните води. Преку нив можат да стигнат во земјоделските производи кои граѓаните секојдневно ги користат за исхрана.

- Инаку, оловото спаѓа во групата на тешки метали и внесен во човечкиот организам има исклучителен афинитет кон еритроцитите и коскената срж и во нив може да се задржи од 45 дена во крвта до 30 години во коскената срж. Хроничната експозиција на олово и неговите соединенија доведува до тешки пореметување во создавањето на крвни клетки, сериозни пореметувања на работата на бубрезите, комплицирани испади во централниот и периферниот нервен систем. Овие неповолни ефекти на оловото и неговите соединенија особено се опасни кога на нив се изложени деца и млади до 20 годишна возраст. Ова веќе станува многу сериозно и загрижувачки, вели д-р Чибишев во својата фејсбук објава и ги повикува институциите под итно да утврдат кој ги труе граѓаните и да преземат мерки за обезбедување на загаденото подрачје.