Организирана конференција на тема „Инспирирај за компјутерска иднина“

Во салата на Советот на Град Скопје денеска се одржа конференција на тема „Инспирирај за компјутерска иднина“, кој се спроведува во рамки на проектот „Девојки во технологија: Намалување на родовиот јаз во техничките професии“.

На отворањето на конференцијата се обрати градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

-Нашата цел е Скопје да стане родово еднаков град и оваа цел се трудиме да ја реализираме, пред се преку исполнување на оврските превземени со усвојувањето на Стратегиите за родова еднаквост на градот. Но, со задоволство поддржуваме и проекти како овој во кои учествуваат и младите и имаат за цел да ја зголемат свеста за одредени општествени појави кај сите нас. Информираноста и едукацијата за родовите прашања е особено важна за средношколската популација, од која очекуваме многу појасно и похрабро да ги согледа работите и да биде иницијатор на идните промени – кажа градоначалникот Трајановски.

Во рамки на настанот беше презентирана анализата „Средношколците и природните науки: Анализа на ставовите и перцепциите од родов аспект“ од страна на Ана Мицковска-Ралева од Центарот за истражување и креирање политики.

– Она што го знаеме веќе подолго време е дека во професиите постои родова сеграгација, што значи дека постојат „типични машки професии“, најчесто од областа на технологијата и слично, и „типично женски професии“, коишто повеќе се поврзуваат со областите на грижа, образование и слично. Оваа поделба е на некој начин вештачка, но истата предизвикува нееднаквост на пазарот на труд бидејќи професиите коишто се поврзани со техниката и технологијата се подобро платени, додека професиите кои повеќе ги извршуваат жени се помалку платени. Со самото ова мажите и жените имаат нееднакви приходи и нееднакво се вреднува нивниот труд. Сите овие појави се појавуваат поради постоењето на стереотипи за постоење на „машки и женски професии“ кои упорно се провлекуваат и покрај сите напори и активности за нивно разбивање – кажа  Мицковска-Ралева.

Конференција „Инспирирај за компјутерска иднина“ се спроведува во рамки на проектот „Девојки во технологија: Намалување на родовиот јаз во техничките професии“, и истиот го реализира Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), со поддршка на Град Скопје.

На конференцијата се обратија Марија Календар, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Емилија Талевска, софтверски инжeнер во RewardGateway, како и Ана Софи Клоп, ученичка во завршна година во NOVA International Schools

Дискусијата беше модерирана од страна на Моника Ризовска, Менаџер за бизнис развој на Girls in Tech-Macedonia.