„Охриѓани на странските уметници да не им наплаќаат како да земаат воена отштета“, кажа министерката за култура

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање на отворањето на „Охридско лето“ се осврна на значењето на уметноста, претпознатливоста и реномето на фестивалот, а им посака и добредојде на уметниците. Исто така, порака упати и до угостителите во Охрид.

- Летната сезона во Охрид не трае долго и затоа квалитетот а не квантитетот му прилега на овој древен скапоцен град. Токму затоа би сакала да пренесам една порака. Поради Охридско лето и годинава на гости ќе ни дојдат многубројни уметници од целиот свет, ги замолувам угостителите да не им наплатуваат како да треба да наплатуваат воена отштета или некои други ненамерни долгови. Ако овие зборови на луцидниот Душко Радоњ допрат до нашите домаќини им благодарам, рече министерката.

Таа посочи дека во време кога со голема брзина се менува светот, уметноста го чува стравот и испраќа порака дека се ќе биде во ред.

- Уметниците поинаку ги читаат вестите. Без уметноста, ќе има празнина, порача таа.

За фестивалот рече дека Охридско лето е најдобра разгледница за Охрид.