Официјално грејната сезона заврши, но скопјани викендов на 27 степени имале парно греење во домовите

Грејната сезона вчера и официјално заврши. Скопјани велат дека и покрај невообичаено високите температури за овој период од годината, кои достигнуваа до 27 степени, викендов имале парно греење па домовите им наликувале на сауни.

– Викендов не се знаеше каде е потопло – дома или надвор, па седевме со ширум отворени прозорци. Мислам дека немаше потреба да се пушта парното бидејќи сепак ова потрошена топлинска енергија ние ќе ја платиме, а викендов навистина беше топло, вели Анастасија од Центар.

Од Балкан енерџи груп преку соопштение до потрошувачите информираа дека количеството на испорачаната топлинска енергија и времетраењето на испораката се одвива согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која носи конечна одлука за почеток и крај на грејната сезона.

– Во следниот период БЕГ ќе изврши порамнување на сметките што потрошувачите ќе ги добијат за мај, јуни и јули. Доколку на крајот од грејната сезона е потрошена повеќе топлинска енергија од прогнозираната која е авансно пресметана тогаш разликата ќе биде распределена на три еднакви рати и соодветно фактурирана во сметките за месеците мај, јуни и јули. Ако, пак, потрошувачот со авансните сметки за топлинска енергија кои се доставуваат од месец август заклучно со месец април авансирал повеќе од реално потрошената енергија, тогаш разликата ќе биде вратена на неговата трансакциска сметка, доколку нема заостанати долгови, велат од БЕГ.

Согласно со законската регулатива, сметките за топлинска енергија се состојат од фиксен дел, кој претставува надоместок за ангажирана топлинска моќност и варијабилен дел кој е надоместок за испорачаната топлинска енергија.

-Потрошувачите што ја плаќаат топлинската енергија на 12 месечни рати, од август во тековната година, до април следната година, добиваат месечни сметки во кои покрај фиксниот дел, им се пресметува и авансен варијабилен надоместок. За месеците мај, јуни и јули 2018 година, овие потрошувачи ќе добијат фактури во кои е извршено порамнување на варијабилниот дел и на фиксниот дел согласно со законската регулатива, посочуваат од БЕГ.

Грејната сезона за 2017/ 2018 започна порано од вообичаеното, односно на 7 октомври 2017 година. Вообичаено, грејната сезона трае од 15 октомври во тековната календарска година до 15 април во наредната календарска година и истата може да почне порано или да биде продолжена во зависност од временските услови. Ако прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија, грејната сезона може да биде продолжена, но најмногу до 30 април.